Рускиот претседател Владимир Путин, во телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела, побара целосна контрола врз Донецк, стратешки клучен регион во источна Украина, како услов за завршување на војната.
Информацијата беше потврдена за „Вашингтон пост“ од двајца високи функционери запознаени со деталите од разговорот.
Путин безуспешно се обидува да ја освои областа веќе 11 години, но секој пат е одбиен од украинските сили, длабоко вкоренети во регионот што го сметаат за главен бедем против брзиот руски напредок кон Киев.
Неговиот фокус на Донецк покажува дека тој не се откажува од претходните барања што го доведоа конфликтот во ќорсокак, и покрај оптимизмот на Трамп за постигнување договор, според функционерите, кои зборуваа под услов на анонимност.
Понудата на Путин
За време на разговорот, рускиот лидер сугерираше дека во замена за целосна контрола врз Донецк, би бил подготвен да предаде делови од Запорожје и Херсон, два други украински региони што делумно ги освоил.
Станува збор за малку помала територијална претензија од онаа што ја презентираше во август на самитот во Анкориџ, Алјаска. Еден од функционерите рече дека некои во Белата куќа го протолкувале ова како напредок.
Сепак, друг функционер, висок европски дипломат, верува дека Украинците веројатно нема да го доживеат тоа на тој начин. „Како да им ја продадеш сопствената нога за ништо“, рече дипломатот. Ниту Белата куќа ниту Кремљ не одговорија веднаш на барањето за коментар.
Средбата на Трамп со Зеленски
Трамп сè уште јавно не се осврнал на барањето на Путин. По средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски во петокот, тој не го поддржа руското барање и планира да се сретне со Путин во Унгарија во наредните недели за да ги продолжи преговорите.
„Време е да се запре убивањето и да се постигне ДОГОВОР! Доста крв е пролеана, со граници на имот дефинирани со Војна и Храброст. Треба да престанат таму каде што се. Нека прогласат победа и двајцата, нека одлучи историјата!“, напиша Трамп на социјалните мрежи по средбата со Зеленски.
Ситуацијата на бојното поле
Фронтовите линии во голема мера стагнираат во текот на изминатата година, а Русија моментално контролира околу 20 проценти од украинската територија.
Трамп размислуваше за испраќање ракети „Томахавк“ во Украина, но се повлече по разговорот со Путин во четвртокот. На прашањето дали е загрижен дека Путин се обидува да го изигра, Трамп во петокот рече:
„Цел живот ме играат најдобрите од нив, и испадна многу добро за мене. Во ред е ако потрае малку. Но, мислам дека сум доста добар во овие работи.