Уште само 8 дена шанса за македонските средношколци да освојат еден милион денари со своја бизнис идеја

Макфакс

18/10/2025

10:17

360

Големина на фонт

а а а

Средношколците од цела Македонија имаат уште осум дена да ја пријават својата бизнис идеја и да освојат 1.000.000 денари, во натпреварот „Средношколец милионер“, организиран од Brainster NEXT колеџот и NU академиите за талентирани ученици.

Пријавувањето е сè уште отворено и бесплатно на milioner.mk (milioner.mk), а според податоците од Бреинстер групацијата, веќе се пристигнати значителен број на оригинални и иновативни предлози од средношколци ширум земјата – и нивниот број се зголемува од ден на ден, како што наближува крајниот рок за пријавување.

Натпреварот има за цел да ја поттикне креативноста, иновативноста и претприемачкиот дух кај младите, како и да покаже дека добрата идеја може да започне во училишна клупа, а да заврши како успешна приказна.

„Натпреварот е отворен за сите средношколци од прва до четврта година, без оглед дали доаѓаат од државните и приватните средни училишта. Она што го бараме од нив е една креативна идеја за бизнис, но и желба за стекнување знаење и искуство кое ќе им биде пренесено од искусни ментори во делот на претприемништвото“, објаснува Анастасија Илиевска од Бреинстер некст.

Натпреварот Средношколец милионер има неколку фази од која првата е фазата на пријавување идеи, која трае до 26 октомври. Од сите пријавени ќе се одберат 50 идеи, кои ќе одат на јвано гласање на страната milioner.mk, после што јавноста ќе ги одбере 20- те финалисти кои продолжуваат понатаму.

На 29 ноември финалистите после процес на работа со менторите, ќе треба да ја презентираат идејата пред инвеститори преку „elevator pitch“ за само 90 секунди. Од тука ќе се селектираат 10-те финалисти, кои во финалето на 30 ноември во просториите на Бреинстер некст и НУ академиите ќе се борат за победа, а стручното жири ќе избере една идеја која ќе добие 1.000.000 денари.

„Сакаме искрено да ти поттикнеме подеднаво и средношколците, но и наставниците и родителите да ги поттикнат младите да се пријават со својата бизнис идеја, затоа што лоша бизнис идеја нема – можат да аплицираат со секоја идеја која ја имаат на milioner.mk“, појаснува Илиевска.

Организаторите велат дека добитникот на 1.000.000 денари нема да биде обврзан да ги вложи парите во бизнис идејата со која победил, ниту пак Бреиснтер ќе бара удел во бизнисот долколку победникот реши да ја реализира бизнис идејата. Заинтересираните средношколци за милионската награда имаат рок за пријава до 26-ти октомври.