ЕК: Секоја од нашите земји-членки може привремено да ја укине забраната за летови на авионот на Путин

Макфакс

17/10/2025

16:00

192

Големина на фонт

а а а

Најавената средба меѓу претседателите на САД и Русија во Будимпешта е добредојдена ако може да доведе до праведен и траен мир во Украина, изјави денес портпаролот на Европската Комисија.

„Ја поздравуваме оваа средба ако помогне во постигнувањето на траен и праведен мир во Украина“, изјави портпаролот на Комисијата, Олоф Гил.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, по телефонскиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин објави дека двајцата ќе се сретнат во Будимпешта во следните две недели.

Во врска со логистичките прашања околу пристигнувањето на рускиот претседател во Будимпешта, Комисијата објасни дека секоја земја-членка може по исклучок да одобри отстапување од забраната за влез во европскиот воздушен простор за руски авиони.

Портпаролката на Комисијата, Анита Хипер, изјави дека како дел од санкциите против рускиот претседател Путин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, средствата во ЕУ се замрзнати, но нема и забрана за влез на територијата на ЕУ.

Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налог за апсење на Путин во 2023 година за воени злосторства поврзани со нелегалната депортација на украински деца.

Унгарија веќе беше домаќин на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во април оваа година, за кого МКС исто така издаде налог за апсење. После тоа, унгарската влада информираше дека се повлекува од тој суд.

Сепак, според статутот на МКС, Унгарија сè уште е должна да го уапси Путин бидејќи повлекувањето од судот стапува на сила една година откако генералниот секретар на ОН беше известен.

Во унгарскиот случај, тоа е јуни 2026 година.

Шефот на унгарската дипломатија, Петер Сијарто, денес изјави дека Будимпешта ќе обезбеди Путин непречено да влезе на нејзина територија со цел средба со Трамп и дека успешно ќе се врати во Русија.