[АУДИО] „Ја најдоа без свест“ – Објавено видео од повикот за помош на Дајан Китон: По пожарот во јануари, повеќе никогаш не била иста

Точка

17/10/2025

14:39

416

Големина на фонт

а а а

Холивуд е завиен во црно по ненадејната смрт на легендарната актерка Дајан Китон, која починала на 79-годишна возраст. Снимката од повикот до итната помош, објавена во неделата, ги откри нејзините последни моменти и потврди колку сè било нагло и неочекувано.

Дајан Китон била однесена од нејзиниот дом во Лос Анџелес со брза помош во саботата, а аудио-снимката испратена до противпожарната служба открила дека имало „паднато лице“ (person down).

Во аудио снимката од повикот добиена од „TMZ“, диспечерот рекол: „Спасување 19, паднато лице“ пред да ја открие адресата на актерката.

Противпожарната служба на Лос Анџелес отишла во домот на актерката од „Ени Хол“ во саботата во 8:08 часот по источно време и едно лице било однесено во локалната болница. Упатени лица откриле дека тоа лице била Китон.

Дајан била пренесена во блиската болница, каде што наскоро била прогласена за мртва. Според зборовите на роднините, во моментот на смртта била опкружена со најблиските, а семејството побарало приватност. Не се објавени дополнителни детали за причината на смртта, но пријателите откриваат дека во последните месеци изгледала многу кревко и повлечено.

Нејзината долгогодишна пријателка, текстописец и композиторка Керол Бајер Сејгер, изјавила за медиумите: „Ја видов пред две или три недели и беше многу слаба. Имаше изгубено многу на тежина.“


Сејгер, добитничка на Греми и Оскар, додала дека Дајан во јануари претрпела голема штета на својот дом за време на пожарите што го зафатија Лос Анџелес.

„Мораше да замине во Палм Спрингс бидејќи нејзината куќа беше оштетена. Кога се врати, бев шокирана колку ослабела. Таа беше магично светло за сите околу себе. Едноставно ја обожавав. Беше посебна, внесуваше енергија во секоја просторија.“

Други блиски пријатели откриле за магазинот „People“ дека здравјето на Дајан Китон во последните месеци нагло се влошувало.

„Сè се случи ненадејно. Тоа беше срцепарателно за сите што ја сакаа. Беше исклучително силна и витална, но телото едноставно почна да попушта,“ изјавил изворот.

„Во нејзините последни месеци била опкружена само со најтесното семејство, кое одлучило сè да го задржи во строга приватност. Дури ни долгогодишните пријатели не знаеле колку е сериозно.“


Само неколку дена откако веста за смртта на актерската легенда Дајан Китон ја шокираше јавноста, нејзиното семејство ја откри причината за смртта на познатата добитничка на Оскар. Како што потврдија за „Пипл“, Китон почина на 11 октомври на 79-годишна возраст, а причина за смртта била пневмонија.

Семејството во соопштението изјави дека се „длабоко трогнати од многуте изрази на сочувство што ги добиле во последните денови“. Тие забележаа колку актерката ги сака своите животни и колку е посветена на помагањето на бездомниците. Тие ги замолија обожавателите да донираат во нејзино име во локалните засолништа за животни или банки за храна, наместо цвеќе.

Во официјалната смртна потврда се наведува дека Китон се борела со примарна бактериска пневмонија неколку дена пред нејзината смрт, а во документот не се наведени други медицински состојби што можеби придонеле за нејзината смрт. Исто така, се открива дека таа била кремирана на 14 октомври.

Наследство што засекогаш го обележа Холивуд

Дајан Китон остави неизбришлива трага во историјата на филмот. Улогата на Ени Хол во истоимениот филм од 1977 година ѝ ја донесе наградата Оскар за најдобра актерка, а нејзината соработка со Вуди Ален стана легендарна.


Во текот на својата кариера добила вкупно четири номинации за Оскар. Освен за „Ени Хол“, била номинирана и за филмовите „Reds“ (1981), „Marvin’s Room“ (1996) и „Something’s Gotta Give“ (2003). Публиката ги обожаваше и нејзините улоги во филмовите „Baby Boom“ (1987), „The First Wives Club“ (1996) и „Father of the Bride“ (1991, 1995).

Ќе остане запаметена како актерка која ја редефинираше улогата на жената во Холивуд — независна, духовита и самосвесна. Нејзината харизма, хуморот и стилот обележаа целата епоха.