Рускиот претседател Владимир Путин, за време на телефонскиот разговор синоќа, го предупреди американскиот претседател Доналд Трамп да не ѝ испорачува крстосувачки ракети „томахавк“ на Украина.
Разговорот, кој траеше околу два часа, се чини дека го омекна сè поостриот став на Трамп кон рускиот лидер. Во последните недели Трамп сè повеќе отворено разговараше за можноста за испраќање ракети со долг дострел во Киев.
Кремљ соопшти дека Путин го предупредил Трамп дека испораката на „Томахавк“ – еден од најважните системи за оружје што го бара украинскиот претседател Володимир Зеленски – сериозно ќе ги наруши односите меѓу Москва и Вашингтон.
„Владимир Путин го повтори својот став дека ‘томахавк’ нема да ја променат ситуацијата на бојното поле, но ќе предизвикаат значителна штета на односите меѓу нашите земји, а со тоа и на перспективите за мирно решение“, рече советникот на Путин за надворешна политика, Јуриј Ушаков, според „Киев индипендент“.
Трамп сè уште не изгледа подготвен да донесе одлука за испраќање ракети во Украина.
„Ни требаат ‘томахавки’ за Соединетите Американски Држави. Имаме многу од нив, но ни требаат и тие. Мислам, не можеме да ја исцрпиме сопствената земја“, им рече тој на новинарите во Овалната соба.
„Не знам што би можеле да направиме во врска со тоа“, додаде американскиот претседател.