[ВИДЕО] 100 нови работни места и 50.000 м²: Јофатекс гради нова индустриска зона во Штип со инвестиција од 10 милиони евра

Точка

16/10/2025

18:45

532

Големина на фонт

а а а

Јофатекс ќе гради нова индустриска зона во Штип. Ќе се протега на површина од над 50 000 квадратни метри. Компанијата денес постави камен темелник на својата нова хала. Таму ќе се произведуваат делови за мебел кои ќе се извезуваат во западно европските земји.

„Целата инвестиција е во три фази, негде догодина ова време чекаме практично да ја сечеме лентата. Значи да биде готов целиот проект. Ова е почеток воедно и на една нова индустриска зона на Штип. Претпоставувам и дека многу други бизнисмени од Штип и околината ќе пронајдат тука некоја нова идеја за бизнис, односно ќе почне да се развива во делот на индустријата и во делот на услугите и во другите бранши во овој дел на градот“, вели сопственикот на компанијата Марјан Јовчевски.

Вкупната инвестиција е околу 10 милиони евра. Ќе се вработат околу 100 работници.

„Главно ние примаме профил на вработени коишто се високо образовани, и многу мал дел со средно образование. Повеќе бараме технолошки да се развиваме. Не бараме да се развиваме во трудоинтензивните гранки, туку повеќе технолошки“, додава тој.

Темелите ги освети митрополитот Иларион. На свечената церемонија присутни беа бројни гости, меѓу нив и заменик министерот за економија.

„Станува збор за навистина извозна компанија, а приоритет на Македонската Влада и Министерството за труд и економија секогаш се домашните компании – посебно оние кои се извозни компании“, изјави Марјан Ристески.

Јофатекс датира од 1998 година. Денес е европски лидер во трговијата со домашен текстил, текстил за изработка на работни одела, текстил за хотелско опремување, механизми и ногарки за мебел. Јофатекс има свои претставништва во Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина и Кина.