Герасимовски: Платено практикантство, обуки и субвенции, поддршка за професионален развој и економска независност на младите

Макфакс

16/10/2025

13:12

148

Големина на фонт

а а а

Градоначалникот на Општина Центар и кандидат за нов мандат, Горан Герасимовски, во новата програма најави обуки, едукација и волонтерски ангажман за младите центарци кои се невработени или немаат соодветно образование и професионален тренинг.

„На овие млади луѓе ќе им помогнеме да стекнат нови знаења и вештини и да ја зголемат својата конкурентност на пазарот на труд. Дополнително, во соработка со партнерски организации, ќе им обезбедиме поддршка при вработување и практикантство,“ истакна Герасимовски.

Тој посочи дека во општината веќе се ангажирани практиканти, студенти и апсолвенти, кои своето прво работно искуство го стекнуваат во различни општински сектори. Практикантите примаат месечен надомест од 15.000 денари, а по шестмесечниот ангажман добиваат официјална потврда за потребите на факултетот.

„Практикантството е одлична можност младите да се изградат како професионалци и, доколку сакаат, во иднина да станат дел од локалните процеси,“ додаде Герасимовски, најавувајќи продолжување на овој успешен проект и во наредниот период.

„Општина Центар за младите доделува и субвенции за возачки испит. Поддршката изнесува 10.000 денари за теоретска и практична обука, за сите млади кои годинава наполнија 18 или 19 години. Со оваа мерка им овозможуваме на младите да се стекнат со возачка дозвола, да станат поконкурентни на пазарот на труд, да ги зголемат своите можности за вработување и безбедно да учествуваат во сообраќајот,“ рече градоначалникот.

Младите исто така можат да добијат финансиска поддршка за купување велосипед или е-велосипед, тротинет и дополнителна опрема, со што се поттикнува користење на здрави и еколошки навики. Герасимовски истакна дека во рамките на општината активно функционира и Младинскиот центар „Матично“ како простор за учење, поврзување и вклучување на младите во различни активности.