„Нестле“ ќе отпушти 16.000 работници

Макфакс

16/10/2025

12:53

250

Големина на фонт

а а а

Прехранбениот гигант „Нестле“ денес објави дека ќе отпушти околу 16.000 работници во следните две години за да ги намали трошоците.

Компанијата ќе отпушти околу 12.000 административни работни места во сите оддели и региони во кои работи и уште четири илјади по спроведувањето мерки за подобрување на продуктивноста во производството и синџирите на снабдување. „

„’Нестле’ мора да се промени побрзо за да се прилагоди на променливите глобални услови“, рече извршниот директор Филип Навратил, додавајќи дека отпуштањето работници е тешка, но неопходна одлука.

Како дел од новиот план, менаџментот на „Нестле“ има намера да ги намали трошоците за три милијарди швајцарски франци (3,23 милијарди евра) до 2027 година. Досега, тие планираа да ги намалат трошоците за 2,5 милијарди франци. Најголемата светска компанија за храна објави намалување на работните места во својот прелиминарен деловен извештај за првите девет месеци од оваа година.

Во периодот од јануари до септември, приходите на „Нестле“ изнесуваа 65,9 милијарди франци (70,8 милијарди евра), што е намалување од 1,9 проценти во однос на истиот период минатата година. Кога се исклучуваат флуктуациите на валутите и еднократните ставки, приходите се зголемија за 3,3 проценти.

За целата 2025 година, менаџментот на „Нестле“ очекува малку посилен органски раст од минатата година, без да прецизира бројки. Резултатите од минатата година покажаа стапка на раст од 2,2 проценти, најниска за најмалку 25 години.