„Бруталното рушење на домот на Владо Малески во Струга не е изолиран инцидент, тоа е резултат на системска незаинтересираност, институционална парализа и политичка неодговорност на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ“, реагира СДСМ.
„Управата за заштита на културното наследство, која е должна по службена должност да реагира и превенира вакви уништувања, молчи и не презема ништо. Дали затоа што рушителите се блиски до власта? Или затоа што институциите се ставени во служба на политичките и бизнис интереси на ВМРО-ДПМНЕ и нивната тајна коалицијата со ДУИ?
Министерот за култура, Зоран Љутков, наместо да го брани културното наследство, се занимава со партиска кампања и самопромоција. Во време кога се брише споменик на македонската културна меморија, Љутков не излезе со ниту едно јавно соопштение, ниту најави конкретна постапка. Тоа е срам за институцијата Министерство за култура!
Владо Малески не е само име од учебник ,тој е авторот на текстот на македонската химна, дел од нашата државност и културен идентитет. Рушењето на неговиот дом е удар врз македонската култура, меморија и достоинство.
СДСМ бара:
– итна и целосна истрага за случајот,
– одговорност од Управата за заштита на културното наследство,
– оставка од министерот Љутков поради неделување,
-итна реставрација и заштита на објектите со историско и културно значење во Струга.
Ова што се случува не е само правен, туку цивилизациски пад. Владата на ВМРО-ДПМНЕ покажува дека нема визија, ниту почит кон сопствената држава и нејзините симболи.
СДСМ, заедно со граѓаните на Струга и со целата културна јавност, ќе се избори овој срам да не остане неказнет. Никој нема право да ја руши историјата на Македонија!“, се наведува во соопштението на СДСМ.