Златан Ибрахимовиќ (44), голема ѕвезда на светскиот фудбал, по завршувањето на кариерата остана во Милан да работи како советник. Познат по своите ставови и изјави, во последното појавување изненади многумина со изборот на најголемите фудбалери на сите времиња, особено поради третата позиција на која го смести Лионел Меси и целосното изоставување на Кристијано Роналдо, пишува „GiveMeSport“.
Иако Меси и Роналдо генерално се сметаат за дел од четворицата најголеми во историјата, заедно со Пеле и Диего Марадона, Ибрахимовиќ одлучи дека двајца од овој квартет не заслужуваат место на самиот врв.
3. Лионел Меси
И покрај тоа што е најтрофеен играч во историјата на фудбалот, со дури 46 големи трофеи, Лионел Меси мораше да се задоволи со третото место на листата на Ибрахимовиќ. Иако играа заедно кратко во Барселона, Швеѓанецот не е убеден дека Аргентинецот е најголемиот на сите времиња.
„За третата позиција, ќе кажам Меси. Не сум сигурен дали му останува да освои уште нешто во кариерата“, рече Ибрахимовиќ.
2. Диего Марадона
Вечната дебата за тоа кој бил подобар, Пеле или Диего Марадона. Двајцата обележаа еден период во историјата на фудбалот. Ибрахимовиќ го даде својот одговор ставајќи го Марадона на второто место, додека најголемиот бразилски играч на сите времиња беше целосно изоставен од листата.
„Втората позиција ќе му ја дадам на Марадона. За мене, тој беше вистинскиот. Сè правеше со срце, со емоции“, рече 44-годишникот.
1. Роналдо Назарио
На самиот врв, како најголем фудбалер на сите времиња, за Ибрахимовиќ е Роналдо Назарио. Поранешниот шведски репрезентативец никогаш не криел дека бразилскиот феномен му бил идол, што го потврди со зборовите.
„Според мене, Роналдо, феноменот, Бразилецот, тој е фудбалот. Кога гледате одредени играчи, следниот ден се обидувате да ги имитирате.“
Тој го повтори истото во едно интервју во 2021 година.
„Секогаш им велам на сите што играат со мене: Роналдо е фудбалот. Начинот на кој се движеше, начинот на кој дриблаше. Според мене, тој е најдобриот играч во историјата, без сомнение.“