Тажен октомвриски ден за нашата земја. Уште една жртва на кобниот 16 март. 65, (читај) шеесет и петта. Што и да се каже е премалку, Владимир Блажев Панчо замина денес – засекогаш. Веројатно на некое подобро место, кај што болката е отсутна.
Но овде, ќе недостига на многу луѓе. Меѓу оние кои се збогуваа од него преку социјалните профили е и актерката Весна Петрушевска Бејби, негова пријателка.
Во емотивно видео, таа на својот Инстаграм профил се збогуваше од музичарот, кој по седум месеци им подлегна на повредите.
„Отиде и Панчо … го обвинивме, а беше невин. Само си ја сакаше својата работа. Трчаше, како и сите ние, за парче леб. Работеше многу, многу … сам ги договараше свирките, сам пишуваше, одеше по студија. Имаше сетови, беше диџеј, беше многу вреден. Многу сакаше да чита книги. Ќе ми недостигаат нашите разговори за тоа зошто сме ние тука, како го живееме нашиот живот …“, зборуваше Весна со солзи во очите.
Таа додаде дека Панчо бил вреден, скромен и исклучително нежен човек, кој со љубов ја извршувал својата работа и секогаш зрачел со позитивна енергија.
„Многу ми е жал … и само сакам да ве прашам – што е поважно? Да си го гледате вашиот живот или да дрндате за животите на другите? Панчо, слава ти … ќе живееш сè додека ги пееме твоите песни. Голема трагедија … слава ти“, заврши актерката во својата видео-порака.
Видеото погледнете го на ОВОЈ линк.