Претседателот на Мадагаскар: Морав да одам на безбедно место за да го заштитам својот живот

Макфакс

14/10/2025

07:59

963

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Мадагаскар, Андри Раџоелина, вчера изјави дека морал да се пресели на безбедно место за да го заштити својот живот, по неколкунеделните протести на младите луѓе кои бараа негова оставка.

Во обраќањето до нацијата, Раџоелина не откри каде се наоѓа, а неговото моментално место на живеење останува непознато, но воен извор и други официјални лица за Ројтерс изјавија дека тој ја напуштил земјата завчера со француски воен авион откако трупите на Мадагаскар ја објавија својата поддршка за демонстрантите.

Тој беше евакуиран од земјата со француски воен авион поради тековните протести и воениот бунт, објави RFI. Евакуацијата беше спроведена во договор со францускиот претседател Емануел Макрон, иако француските власти инсистираат дека не се мешаат во внатрешната криза на Мадагаскар, која ја потресува земјата од 25 септември.

Немирите започнаа поради широко распространетите прекини на водата и електричната енергија, но прераснаа во национално движење со кое се бара оставка на Раџоелина. Безбедносните сили употребија сила за да ги растераат демонстрантите, додека офицерите што ги поддржуваат демонстрантите ја презедоа контролата врз воената команда.