[ВИДЕО] Снимката кога Хамас ги разделува и киднапира го обиколи светот – сега повторно се заедно

Макфакс

13/10/2025

21:45

722

Големина на фонт

а а а

Авинатан Ор (32) беше киднапиран заедно со својата девојка Ноа Аргамани на музичкиот фестивал кога Хамас го нападна Израел. Ноа беше спасена во израелска воена операција во јуни 2024 година. Во март оваа година, семејството на Авинатан добило знак дека тој сè уште е жив.

Денес, Авинатан Ор е ослободен и конечно се врати кај своето семејство во воената база Реим, на југот на Израел. Израелската војска објави трогателни снимки од неговата средба со родителите, Јарон и Дица.

„Толку многу се надевав дека ќе добијам прилика да ви кажам дека ве сакам и да ве видам уште еднаш во овој живот,“ рекол Ор по ослободувањето.

Видеото што го објави израелската војска го прикажува емотивниот момент кога Ор ја прегрнува својата девојка, Ноа Аргамани.

Двајцата беа киднапирани на музичкиот фестивал „Нова“ за време на нападите на Хамас на 7 октомври 2023 година. Снимката од киднапирањето, на која се гледа како Ноа ја одвезуваат на мотор, додека Авинатан го присилуваат да оди со рацете на грб, го обиколи целиот свет.

Ноа Аргамани беше спасена во јуни 2024 година, а на почетокот на овој месец се присети на последниот момент со својот партнер.

„Авинатан ми недостига сè повеќе со секој ден,“ изјави тогаш. „Се држам до надежта, секој ден, дека оваа ноќна мора наскоро ќе заврши и дека конечно ќе го живееме животот за кој сонувавме.“