Стотина палестински затвореници ослободени од израелските затвори

Макфакс

13/10/2025

16:39

180

Големина на фонт

а а а

Палестинските затвореници беа пречекани со ентузијазам во Рамала, на окупираниот Западен Брег, денес по нивното ослободување од израелските затвори.

Некои покажуваа знаци на победа со рацете, а повеќето со насмевки на лицата излегоа од автобусот што ги однесе од израелски затвор до културниот центар во градот каде што е седиштето на Палестинската самоуправа.

„Тоа е неописливо чувство, преродба“, изјави за АФП Махди Рамадан, неодамна ослободен затвореник, опкружен со своите родители.

За многумина, тоа беше нивно ослободување по години, дури и децении. Околу стотина од нив пристигнаа во Рамала, некои изгледаа гладни и со видливи повреди, пренесуваат медиумите.

Автобуси што превезуваа палестински затвореници, исто така, пристигнаа во Газа. Маскирани лица, очигледно членови на Хамас, дојдоа во болницата Насер, каде што беше поставена сцена и столчиња за да ги пречекаат, според написите.

Меѓу ослободените Палестинци се 250 лица приведени од „безбедносни причини“, вклучувајќи многумина осудени за смртоносни антиизраелски напади, како и 1.700 Палестинци уапсени од израелската војска во Појасот Газа од октомври 2023 година.

Израел се согласи да ги ослободи во замена за ослободување на заложниците во Појасот Газа, дел од првата фаза од планот на американскиот претседател Доналд Трамп за ставање крај на војната предизвикана од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година.

Хамас ги ослободи преостанатите 20 израелски заложници од нивното двегодишно заложништво во Газа порано денес. Според израелските медиуми, сите ослободени заложници се во „добра состојба“.

Телата на 28-те починати заложници треба да бидат предадени, процес што Израел не очекува да биде завршен денес. Формирана е посебна комисија за лоцирање на нивните останки во урнатините на Газа.