Андоновски: Ќе се залагаме проектите кои се приоритет во нашата програма да добијат соодветно место во буџетот на Општина Гостивар

Макфакс

07/10/2025

20:20

138

Големина на фонт

а а а

Мартин Андоновски, носител на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ во Гостивар, се обрати на денешниот народен митинг во рамки на изборната кампања со слоган ,,Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!, за претстојните локални избори. Андоновски потенцираше дека фокусот е ставен на приоритетните проекти кои ќе го подобрат животот на граѓаните во Гостивар.

,,Како носител на оваа советничка листа, со целосна одговорност тврдам: нашите настапи во Советот секогаш ќе бидат во интерес на граѓаните аргументирани, достоинствени и секогаш бескомпромисно на страната на вистината. Ќе бидеме гласот на разумот и совеста, будното око што неуморно ќе следи што се работи, како се работи и дали се работи во интерес на граѓаните. Ќе го следиме и ќе го посочиме секој извор на неправичност, секој облик на неодговорно, нечесно или штетно постапување“, вели Андоновски.

Андоновски додаде дека главниот водич е креирање и реализирање на силна одговорна и развојна локална програма.

,,Нашата заложба ќе биде локалната самоуправа да стане синоним за одговорност, транспарентност, развој и просперитет. Главна водилка ќе ни биде креирање и реализација на силна, одговорна, развојна локална програма, затоа што тоа го должиме на нашите сограѓани, на сите оние кои живеат, и ја сакаат Република Македонија“, рече Андоновски.

Тој истакна дека ќе работи посветено на тоа приоритетните проекти од програмата да добијат заслужено место во буџетот, со цел реално да се подобри квалитетот на животот, да се создадат нови можности и да се обезбеди видлив напредок и модерна инфраструктура за сите граѓани.

,,Ќе се залагаме проектите кои се приоритет во нашата програма да добијат соодветно место во буџетот на Општина Гостивар, со цел секој еден од вас да сведочи на проекти кои ќе донесат реален напредок, нови можности, подобра инфраструктура, како и поквалитетен живот за сите“, кажа Андоновски.

Според него, политиките на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, донесоа пресврт во односот кон локалната самоуправа односно по години стагнација, конечно централната власт ги поддржува општините во реализацијата на важни проекти.

,,Благодарение на политиките и заложбите на централната власт предводена од Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, сведоци сме на еден целосен пресврт во политиката кон локалната самоуправа низ цела Македонија. После долги години стагнација, имаме позитивен пристап, чесни луѓе и власт која служи на граѓаните преку поддршка на општините во реализација на клучните проекти“, заклучи Андоновски.