Мандарините се богати со витамини А, Б и Ц, растителни влакна и минерали кои го зајакнуваат имунитетот, ја подобруваат дигестијата и го намалуваат крвниот притисок.
Мандарините не се само омилен зимски десерт, туку и вистинска ризница на витамини и минерали што позитивно влијаат на целокупното здравје на организмот.
Ова сочно цитрусно овошје има малку калории, а изобилува со хранливи материи кои го зајакнуваат имунолошкиот систем, ја подобруваат работата на варењето и го штитат здравјето на срцето.

Експертите нагласуваат дека мандарините содржат витамини А, Б и особено високо ниво на витамин Ц – моќен антиоксиданс што ги неутрализира слободните радикали, штити од инфекции, ги ублажува грчевите и мачнините и придонесува за здрава кожа.
Покрај тоа, богати се со каротеноиди како бета-каротен, лутеин и зеаксантин, кои го штитат видот и го јакнат имунитетот.

Мандарините се и одличен извор на растителни влакна. Нерастворливите влакна го подобруваат варењето и го поттикнуваат исфрлањето на токсините, додека растворливите влакна помагаат во регулирањето на холестеролот и нивото на шеќер во крвта.
Во нивниот состав се наоѓаат и минерали како калциум, фосфор и магнезиум, кои ги зајакнуваат коските и помагаат во превенција на остеопороза.

Мандарините природно произведуваат и соединение наречено синефрин – супстанца која делува како деконгестив, но и го намалува создавањето на холестерол во организмот.
Благодарение на високата содржина на калиум, мандарините придонесуваат за намалување на крвниот притисок и подобрување на циркулацијата, со што го штитат здравјето на срцето и крвните садови.
Вкусни, мирисливи и исклучително здрави – мандарините се едноставен начин во зимските месеци да внесете повеќе витамини и да го заштитите својот организам.







