Ерлинг Халанд го постигна единствениот гол на натпреварот против Брентфорд во деветтата минута и на тој начин ѝ донесе три бода на својата екипа.
Халанд натрча на топката по додавањето од Јошко Гвардиол и прецизно го совлада Келехер, носејќи ѝ победа на својата екипа. Тоа беше неговиот 12-ти гол оваа сезона во сите натпреварувања, со што го продолжи својот поход кон титулата најдобар стрелец во Премиер лигата.

Екипата на Манчестер Сити моментално се наоѓа на петтото место на табелата во домашното првенство, со три бода помалку од лидерот Арсенал. По натпреварот, Халанд во разговор за „Sky Sports“ зборуваше за својата форма, но и за играта на својот тим. Притоа, издвоил една личност која, според него, има најголеми заслуги за неговите одлични настапи.

Станува збор за неговиот син, чиј идентитет норвешкиот репрезентативец одлучи да го задржи во тајност. Неговите зборови, сепак, го воодушевија јавноста.

„Никогаш во животот не сум се чувствувал вака добро, па може да се каже дека сум во најдобрата форма во мојот живот. Да бидам искрен, мислам дека откако добив дете, станав уште подобар, затоа што сега умеам повеќе да се исклучам од сè“, изјави напаѓачот и додаде:
„Не размислувам многу за фудбал кога сум дома, а тоа претходно не беше случај – тогаш се оптоварував со ситници. Кога ќе се вратам дома, одмарам многу повеќе, па така мојот син е ’виновен‘ за сето ова“, порача Халанд.





