Гаши: Бошњаците се значајна карика за нашата држава

Макфакс

26/09/2025

17:32

114

Големина на фонт

а а а

Денес во Собранието се одбележа 28 септември – Меѓународниот ден на Бошњаците. По тој повод претседателот Африм Гаши организираше средба со претставници на Бошњаците кои работат во сферите на академијата, уметноста, културата, граѓанскиот сектор, политиката, администрацијата, дипломатијата и младинските прашања.

На средбата претседателот Гаши ги поздрави присутните и го честиташе меѓународниот ден на Бошњаците што значи потврда на јазикот, културата и идентитетот на бошњачката заедница. Истакна дека иако процентуално бројот на Бошњаци е мал, нивниот придонес во економскиот, културниот и општествениот живот на Република Северна Македонија е мошне значаен и учеството во сите државни процеси е од клучно значење за напредокот и развојот на државата, а истовремено и доказ и потврда за мултикултурното и мултиетничкото општество во кое живееме.


Претставниците во текот на пријателската и неформална дискусија се заблагодарија за тоа што за прв пат се поканети и пречекани во Собранието на толку високо ниво, што е индикатор дека иако во овој состав нема пратеник Бошњак, претседателот покажува интерес за прашањата кои ги засегаат.

Се осврнаа на неколку главни прашања, имено: образованието и усовршувањето на наставниците кои предаваат изборен или задолжителен предмет Босански јазик и култура во основните училишта. Во однос на политичката застапеност, ја повторија иницијативата за загарантирани пратенички места за помалите етнички заедници, како и потребата од внесување на геноцидот во Сребреница во наставните програми, со цел такви злодела на човештвото да не се повторат.