[ВИДЕО] Николовски: На ВМРО-ДПМНЕ не му одговараат европските реформи во шумарството, затоа ги стопира

Макфакс

22/09/2025

14:28

116

Големина на фонт

а а а

Пратеникот од СДСМ Љупчо Николовски на денешната прес-конференција посочи дека стопирањето на реформите во шумарството од страна на владата на ВМРО ДПМНЕ оди на директна штета на природните ресурси на државата и заштита на шумите. Николовски предупреди дека власта ги напушти европските реформи во шумарството, за што потврда има и од Делегацијата на ЕУ во Скопје.

„Во времето на СДСМ на мое барање како тогашен министер за прв пат од ЕУ побаравме а тие се сложија да застанат за целосна и длабинска реформа на секторот шумарство. И токму затоа ни одобрија три големи проекти во износ од над 1,5 милиони евра за да се реформира и да го трансформитаме Јавното претпријатие. „Македонски шуми“ и да се спроведе целата реформа на секторот шумарство кој што е значаен. Се изработија нови закони за шумите, за формирање Агенција за шумите и шумската полиција, а закон за формирање на ново државно претпријатие за „Македонски шуми“. Односно со овие средства и проекти на кои што изминатите години се работеше интензивно, се обезбеди целосна трансформација на ЈП „Македонски шуми“ и секторот шумарство но и креирање на интегриран ИТ-систем за контрола на дрвната маса и шумските пожари. Тоа беа вистински европски реформи“, рече Николовски.

Тој додаде ИТ системот за следење на дрвната маса којшто го има во сите европски земји иако е изработен,набавен и е во сопственост на државата воопшто не е ставен во фунција.

„Што направи ВМРО-ДПМНЕ? Ги повлекоа законите, ги прекинаа реформите, софтверите за следење на дрвната маса се нефункционални. Јасно е дека на некому му одговара хаосот, а не европските стандарди и контрола. Ова оди директно на штета на природните ресурси на државата, на заштита на шумите, на граѓаните крајно“, рече Николовски, додавајќи дека СДСМ покажа како се гради систем што дава резултати и ќе продолжи да дава решенија за поддршката на земјоделството, шумарството и водостопанството.