Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи, Предизвикување општа опасност и Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста – за овие кривични дела Основното јавно обвинителство Струга поведе истрага против 34-годишен жител на Велешта.
Осомничениот, на 16 септември, при расправија со три лица од Дебар со кои имал од претходно влошени односи, извадил пиштол кој го поседувал без дозвола и кон еден од оштетените испукал неколку пати во долниот дел од нозете. Му нанел две лесни телесни повреди, а потоа влегол во возилото со намера да избега.
Не ја почитувал наредбата на полициски службеник, кој му наредил да застане и движејќи се наназад со автомобилот го удрил полицаецот на кого исто така му нанел телесна повреда.
При увидот се пронајдени нож и метална шипка, па се преземаат и дополнителни дејствија на проверки со цел да се испита нивната употреба во настанот.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.