Манасиевски: Мојсоска од Левицата си инкасирала над 600 илјади денари од партијата додека ги напаѓала колегите за патни трошоци

Макфакс

18/09/2025

13:11

115

Големина на фонт

а а а

Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, денеска на прес-конференција обвини дека пратеничката Маја Мојсоска од Левица за четири години добила над 600 илјади денари од сопствената партија, иако во јавноста жестоко ги критикувала колегите за патни трошоци.

„Лицемерието на Мојсоска и Левица не престанува, тие се тотално демаскирани. Продаваат скромност и неподмитливост пред народот, а позади нивниот грб ги полнат сопствените џебови“, изјави Манасиевски.

Тој истакна дека во периодот од 2021 година до денес, Мојсоска од партијата инкасирала повеќе од 600 илјади денари, иако во Собранието ги напаѓала колегите пратеници за законските патни трошоци што ги добиваат.

„Врз кој основ ги добила Мојсоска овие пари? Дали овие пари се партиски патни трошоци? Колкаво е лицемерието на Мојсоска и Левица – да ги напаѓа колегите пратеници, а од другата страна од сопствената партија да зема над 600 илјади денари?“, праша Манасиевски.

Тој додаде дека, според него, и Мојсоска и Левица се „прочитани пред јавноста“.