Герасимовски: Центарци добија современа теретана на отворено во Паркот на франкофонија

Макфакс

17/09/2025

11:15

181

Големина на фонт

а а а

Општина Центар, на барање на жителите, постави теретана на отворено во Паркот на франкофонија, создавајќи современо катче за здрав и активен живот.

Фитнес зоната располага со 17 справи наменети за вежбање и развивање на сите мускулни групи. Во склоп на теретаната има клупи за стомачни, висечки и паралелни шипки, вертикална решетка, боксерска вреќа и друго, извести Општината.

„Новата теретана е совршено место за вежбање и рекреација. Ваквите простори нудат тренинг на свеж воздух без потреба од членство или дополнителни трошоци. Верувам дека рекреативците и љубителите на спортот, од сите возрасти , ќе уживаат вежбајќи во преубавиот зелен амбиент на паркот,“ рече градоначалникот Горан Герасимовски.

Овие денови ќе биде поставена и вештачка трева, што обезбедува удобна и безбедна површина за вежбање. Опремата е изработена од висококвалитетен материјал со заштитен премаз и прашкаста боја, што гарантира издржливост и отпорност на влага и атмосферски влијанија.

Просторот за вежбање е реализиран по предлог на граѓаните, во рамки на Маалските средби организирани од локалната самоуправа, а во согласност со општинските приоритети за промовирање на спортот и здравиот начин на живот, се додава во соопштението од општина Центар.