Вечерва во 11.00 часот Министерот за Внатрешни работи Панче Тошковски одржа вонредна прес конференција по повод денешните настани поврзани со пожарот во Трубарево.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека пожарот е ставен под контрола и локализиран, а на терен се ангажирани сите расположливи ресурси. Тој објасни дека се гаси со ситна песок, бидејќи таму гореле батерии и потребен е посебен пристап.
Тошковски истакна дека нема радијационо зрачење, но во близина на пожарот има висока загаденост со штетни материи. На 400 метри од локацијата не е измерено загадување. На жителите кои живеат најблиску им се препорачува да ги напуштат домовите, а за нив е подготвен и Центарот за обука во близина.
Во тек е полициска постапка со три лица за утврдување на причините за пожарот. Министерот нагласи дека вакви пожари се случувале и во други европски земји и претставуваат глобален проблем кој бара стандарден пристап во управување со отпадот.
Тој предупреди дека гаснењето ќе трае, бидејќи температурата на 50 метри од местото достигнува околу 500 степени.
Неофицијални извори потврдуваат: управителот и сопственикот на фабриката се приведени и се наоѓаат во полициска станица
Во скопското село Трубарево – огнената стихија не запира! Пожарот кој избувна во саботата попладне вечерва повторно се разгори, зафаќајќи уште поголема површина. Сцените од местото на настанот се вознемирувачки – густ и црн чад се издига високо над населбата, а сомнежите се дека чадот е токсичен и опасен по здравјето на жителите.
Огнот, според првичните информации, започнал во објект на фирмата „Ф-Групација“, која се занимава со електронски отпад. За кратко време пламените јазици се прошириле и кон два соседни објекта преполни со пластичен отпад – што дополнително ја зголемило силата и опасноста на пожарот.
Во меѓувреме, неофицијални извори потврдуваат: управителот и сопственикот на фабриката се приведени и се наоѓаат во полициска станица. За понатамошните чекори ќе одлучува Јавното обвинителство.
Ситуацијата е неизвесна, а жителите стравуваат дека чадот кој го прекрива небото над Трубарево може да има сериозни последици. Огнот и понатаму беснее.