Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, денеска информираше за повеќе паралелни интервенции поврзани со пожари на скопските депонии.
Во депонијата „Дрисла“, каде што изминатите денови беше присутно интензивно чадење, Ангелов посочи дека се преземени сериозни мерки:
„Направивме два пристапни земјени патишта до местото кадешто се случува чадењето. Денес, со засилен број механизација – багери, камиони, булдожери – се чисти теренот и се работи на затрупување. Очекувам добар дел од местото во текот на денот да биде целосно затрупано.“
Дополнително, побарана е нова механизација, а се отвора и нов фронт за работа за повеќе градежни машини.
Во депонијата „Вардариште“, каде што исто така имаше чадење претходните денови, ситуацијата е оценета како стабилна, но и таму продолжуваат активностите:
„Се работи на затрупување на локацијата каде што чадеше. Поставени се термални камери со цел навремено да се идентификуваат и пресретнат лица кои евентуално би се обиделе повторно да предизвикаат чадење,“ додаде Ангелов, истакнувајќи дека на терен се и засилени полициски патроли.
Во меѓувреме, изби и нов пожар во скопското село Трубарево, во фабрика за која постојат информации дека се занимава и со складирање на електронски отпад.
„Се работи за сериозен пожар. Хермелините се веќе упатени натаму, едниот од нив е веќе на пат кон Трубарево“, соопшти Ангелов. Ќе се интервенира и од воздух.