Криминалистичката полиција разговара со вработените за можни потпалувачи, чадењето сè уште активно.
Криминалистичката полиција денеска разговара со вработени во ЈП „Дрисла“ за да ги утврди причините за пожарот, изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов.
„Припадниците на криминалистичката полиција ќе позборуваат со вработените дали постои можност некој од внатре да учествува во подметнувањето на пожарите или можеби некој од надвор доаѓа, веројатно малку физички спремен со канта бензин или шише бензин, зашто се работи за запаливи гасови, да го подметне пожарот“,рече Ангелов.
Тој посочи дека чадењето е намалено, но сè уште активно, појаснувајќи дека станува збор за чадење, а не за горење.
Видлив оган на депонијата нема, рече Ангелов, туку се работи за чад што излегува од внатрешноста како последица на силните хемиски и биолошки процеси што се одвиваат на депонијата, каде што се слева исцедокот од депонијата.
Ангелов откри и дека имало најмалку три обиди за ново палење. Побара засилено полициско присуство и дополнителни методи на набљудување, бидејќи дел од депонијата е необезбеден и лесно достапен.
Од „Дрисла“ апелираа до МВР да ги пронајде и санкционира потпалувачите.