Во најновото издание на рубриката „Metro Travel Hot Takes“, новинарката Софи-Меј Вилијамс пишува во одбрана на еден италијански град со лоша репутација.
„Еден наполитанец ми рече дека секој ден ја гледа смртта право в очи. Секако, мислеше на Везув, древен и сѐ уште активен вулкан којшто ѝ се заканува на градската силуета на Наполи, шармантен, но историски немирен град.
Пред својата прва посета во 2022 година немав желба да одам во престолнината на Кампанија. Наполи често е опишуван како мрачен и валкан град, а кружат и приказни за мафијата, високата стапка на криминал и озлогласените проблеми со токсичниот отпад поради што овој град го понел прекарот „триаголник на смртта“. Тоа не се особини кои ги привлекуваат туристите.
Сепак, се докажа дека згрешив. За секое ѓубре кое постои, тука има и некој бисер на архитектурата којшто ќе го засени тоа. Наполи е суров, интензивен и преполн со живот, од тесни улички до вечно вжарени печки за пица. Не е ни чудно што во 2024 година беше прогласен за најдобар град за храна во светот“.
Како да стигнете до Наполи и кога е најдобро време за посета?
Како и останатиот дел од Италија и Наполи е лесно достапен град. Наполи традиционално ги привлекува туристите, додека пак тамошните жители одат на север. Екот на сезоната трае од јуни до август, додека пак периодот од ноември до март е многу помирен и ги наградува посетителите со помал метеж и пријатно време. Државните музеи тогаш нудат бесплатен влез во секоја прва седмица од месецот.
Пролетта и раната есен идеални се за оброци на отворено по кои Италија е популарна. Уличните тезги тогаш се преполни со свежи производи.
Наполи е згуснат град. Улиците се тесни, зградите збиени, а луѓе има насекаде околу вас. Сѐ делува живо, па дури и калдрмата под нозете. Ако ѕирнете зад кулисот, ќе откриете заедници кои негуваат единствена уметничка сцена, посебно во текот на ноќта.
Сепак, она што Наполи го прави посебен е пицата. Круната на градот е славната маргарита, настаната во 1889 година кога готвачот Рафале Еспосито од пицеријата „Бранди“ на тестото ставил домат, моцарела и босилек, боите на италијанското знаме и јадењето го нарекол по кралицата Маргарита.
Тешко минато и нов почеток
Наполи долго време се борел со проблеми, од криминални организации, до илегално фрлање отпад и невработеност.
Поранешниот премиер Силвио Берлускони се обидел кон средина на 2000 години да го запре фрлањето токсичен отпад, но рецесијата дополнително ја влошила ситуацијата.
Денес градот оди кон позелена и почиста иднина. Сабота наутро волонтерите ги чистат квартовите, намалено е загадувањето на воздухот, а повторно е безбедно за капење и на градските плажи.
Наполи денес не е град на стравот. Туризмот станал клучна гранка. Во 2024 година Наполи се нашол на третото место на листата најдобри градови за посета.