Левица застана зад независниот Зоран Николовски во Битола

Макфакс

06/09/2025

15:41

333

Големина на фонт

а а а

Партијата Левица денеска објави дека на престојните локални избори ќе застане зад независниот кандидат за градоначалник на Битола, архитектот Зоран Николовски.

„Чест ни е да ја најавиме широката и победничка платформа за Битола со која Левица ќе настапи на престојните локални избори. И официјално ја информираме јавноста дека Левица ќе го поддржи најдобриот избор за кандидат за градоначалник на Битола – архитектот Зоран Николовски, како докажан професионалец и човек кој може да се пофали со проектите во својот роден град“, стои во соопштението од партијата.

Од Левица потенцираат дека Битола, како бастион на нивната партија, заслужува силен кандидат кој ќе донесе свежи идеи и промени.

„Веруваме дека поддршката за кандидатот Зоран Николовски претставува авангардна комбинација која ќе донесе нови решенија и развој за Битола“, нагласуваат од таму.

Платформата, според Левица, ќе биде составена од интелектуалци и професионалци кои целото свое знаење ќе го стават во служба на градот.

„На овие избори настапуваме со јасна визија за нашата Битола, во која ги обединуваме прогресивните и компетентни потенцијали. Создаваме платформа на интелектуалци и професионалци кои ќе работат за една идеја – Битола. За една света идеја – Битола“, порачаа од Левица.