[ВИДЕО] Кирков бара да се затвори Зоолошката во Скопје поради можна епидемија на туберкулоза

Макфакс

05/09/2025

14:17

252

Големина на фонт

а а а

Пред три дена во Скопје ЗОО почина младо мајмунче од видот гибон за кој, според нашите сознанија, по извршениот патолошкиот наод, се појавува повторно оваа инфекција туберкулоза од истиот тип како и кај ламите, кои починаа пред еден и пол месец, изјави Стефан Кирков, советник во Советот на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ.

„Пред речиси еден и пол месец починаа три лами од туберкулоза, а кај другите две исто така се детектира оваа болест, која знае да биде пренослива од животно на животно, од човек на човек, и сето тоа, замислете, имаше обид да се скрие од јавноста, но по допрен глас од мене и по моја пријава во Агенцијата за храна и ветерина, сето тоа беше набрзина откриено и обелоденето со опомена за установата и казни за директорот. Пред само три дена во ЗОО Скопје почина и младо мајмунче од видот гибон за кој, според нашите сознанија, по извршениот патолошкиот наод, се појавува повторно оваа инфекција туберкулоза од истиот тип како и кај ламите. Оттука, се прашуваме колку животни пцовисаа од оваа болест и епидемија, која очигледно ја има во скопската Зоолошка градина, уште колку животни се болни и дали сето ова претставува голема опасност за посетителите, но и за вработените во оваа установа?“, праша Кирков.

Тој апелира институциите да направат координативно тело и да се направи целосен преглед во оваа установа и доколку е потребно, и привремено да се затвори сè додека не се осигури дека сите животни се здрави и додека безбедноста во оваа установа за посетителите и за вработените е загарантирана.

„Како советник во Град Скопје размислувам да иницирам барање за свикување вонредна седница на Советот на Град Скопје со една единствена точка на дневниот ред, а тоа ќе биде ситуацијата со епидемијата во скопската Зоолошка градина, но и барање одговорност од менаџментот, седница на која ќе побарам од службите на Градот да се обезбеди присуство, конечно, на директорот на оваа установа, како и на градоначалничката Данела Арсовска како негова претпоставена. Како советник во Градот побарав информации од јавен карактер од оваа установа за бројката на пцовисани животни и добив одговор дека изнесува некаде 30-ина за три и пол години, но, според моите информации, овие бројки се навистина и двојно повеќе. Сето ова на седница на Советот јавно ќе го обелоденам, детаљно и прецизно како јавноста би имала увид во сè што се случува во оваа установа наречена Зоолошка градина“, рече Кирков.