ДУИ: Скандал – единствениот Албанец од вкупно 12 во комисијата за наградата „8 Септември“ се предлага самиот себеси за добитник

Макфакс

05/09/2025

11:37

196

Големина на фонт

а а а

„Денеска сакаме да ја алармираме јавноста за еден невиден скандал кој го загрозува не само интегритетот на државните награди „8 Септември“, туку и духот на граѓанска еднаквост гарантиран со Охридскиот договор. Денеска, во Кристалната сала на Парламентот, Комисијата за доделување на Државната награда „8 Септември“ ќе ги додели највисоките признанија за животно дело и за достигнувања во областа на спортот. Ова е највисоката државна награда во спортот, големо признание што треба да претставува правичност, меритократија и почит за сите наши спортисти“, велат од ДУИ.

„Но, што гледаме денес? Комисијата, формирана со потпис на претседателот на Собранието, Африм Гаши, е составена од 11 Македонци и само 1 Албанец. И, за иронија на судбината, единствениот Албанец Хамид Бакија наместо да предложи еден албански спортист, решил наградата да си ја додели самиот на себеси.

Ова не е само судир на интереси, ова е срам и чиста неправда! Апсурдна и навредлива ситуација за албанските спортисти кои со децении придонесуваат со труд и успеси во спортот на Северна Македонија, но остануваат исклучени од државно признание и почит.

Ова не е изолиран случај. Минатата година имавме идентичен пример кога брат на еден градоначалник од ВМРО, како член на комисија, сам на себе си додели награда. И тогаш сè помина во тишина. Дали повторно ќе молчиме?

Ова прашање веднаш ќе биде адресирано пред Државната комисија за спречување на корупцијата, бидејќи претставува флагрантен судир на интереси и отворена дискриминација.

Нашата порака е јасна:

Спортот треба да обединува, а не да дели.

Спортот треба да гради мостови, а не етнички бариери.

Охридскиот договор и принципот на еднаквост не се празни букви на хартија, туку темели врз кои мора да функционира секоја државна институција.

ДУИ останува решителна да ја брани еднаквоста, правдата и достоинството на секој граѓанин, во секоја институција и во секоја област на животот, вклучително и спортот. Ова не е само апел ова е повик за правда и еднаквост!“, се наведува во соопштението на ДУИ.