Бесент: „Она што го прават Русите е одвратно, сите опции се на маса“

Макфакс

02/09/2025

08:29

349

Големина на фонт

а а а

Министерот за финансии на САД, Скот Бесент, синоќа изјави за „Фокс њуз“ дека администрацијата на Трамп размислува за воведување нови санкции врз Русија откако претседателот Владимир Путин ги засили нападите врз Украина, и покрај неодамнешните мировни преговори, објави „Киев Индепендент“.

„Мислам дека сите опции се на маса“, изјави Бесент за „Фокс њуз“ во интервју во Вашингтон.

„Претседателот Путин, од историскиот состанок во Анкориџ, од телефонскиот повик кога европските лидери и претседателот Зеленски беа во Белата куќа направи спротивно од она што посочи дека сака да го направи. Всушност, тој, на одвратен начин, го ескалираше бомбардирањето на Украина“.

„Значи, мислам дека сите опции се на маса со претседателот Трамп и мислам дека ќе ги разгледаме многу внимателно оваа недела“, додаде тој.

Зголемени напади по преговорите

Овие изјави доаѓаат само неколку недели по состанокот меѓу Трамп и Путин во Анкориџ, Алјаска, што беше обид за постигнување мировен договор.

Американските пратеници претходно сигнализираа дека се подготвени да воведат строги санкции доколку мировните напори не успеат. Експертите минатата недела за „Фокс њуз диџитал“ изјавија дека Путин можеби ги користи разговорите за да купи време додека ја продолжува војната и се обидува да избегне секундарни санкции со кои се заканува Вашингтон.

Односи со Индија

Бесент, исто така, коментираше за односите меѓу САД и Индија по одлуката на администрацијата да ги зголеми царините за индиските стоки. Купувањата на руска нафта од страна на Индија, за кои Вашингтон тврди дека помагаат во финансирањето на војната на Русија, се наведуваат како причина.

Коментарите дојдоа откако индискиот премиер Нарендра Моди се сретна со руските и кинеските лидери Владимир Путин и Шји Џјинпинг на самитот на Шангајската организација за соработка (ШОС) во Тјанџин, Кина.