Бројот на невработени лица во Германија надмина три милиони во август, достигнувајќи го највисокото ниво од февруари 2015 година, објави денес Федералната агенција за вработување (BA).
Во споредба со јули, бројот на невработени лица се зголеми за 46.000 и сега изнесува 3,025 милиони, што е за 153.000 повеќе отколку во август минатата година.
Стапката на невработеност се зголеми за 0,1 процентен поен и сега изнесува 6,4 проценти, објавува Tageschau.
Како што објаснува BA, зголемувањето на невработеноста е делумно сезонски условено од летниот застој во вработувањето и истекот на голем број договори за обука, но и од слабата економска динамика во германската економија.
„Пазарот на трудот продолжува да ги трпи последиците од економската слабост во последните години, но првите знаци на стабилизација се видливи“, изјави Андреа Налес, претседател на Управниот одбор на BA.
Најголем број невработени се регистрирани во северните федерални држави и урбаните области на Германија – во Бремен стапката е 11,8 проценти, а во Берлин 10,5 проценти.
Најниската стапка е во јужните покраини Баварија, 4,2 проценти и Баден-Виртемберг, 4,7 проценти.
Претседателот на Институтот Минхен Ифо, Клеменс Фуст, изјави дека високата невработеност во Германија дополнително ќе ја ослабне веќе кревката приватна потрошувачка.
„Многу домаќинства веќе штедат повеќе затоа што се загрижени за иднината, а лошите вести од пазарот на трудот само го зајакнуваат тој тренд“, рече Фуст.