Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас најверојатно ќе се врати во редовите на Наполи, клубот со кој стигна до шампионска титула во Серија А и во кој ќе добие нова шанса да ги покаже своите квалитети.
Елмас нема иднина во редовите на РБ Лајпциг и периодов размислуваше каде да ја продолжи кариерата, а во таа ситуација се појави и интересот кај Антонио Конте и менаџментот на актуелниот италијански првак.
Италијанскиот новинар Џанлука Ди Марцио тврди дека во текот на вчерашниот ден биле решение најважните детали во преговорите меѓу германскиот и италијанскиот клуб, па можно е уште денеска Елмас да биде потврден како повратник во Неапол.
Утринава иста информација пристигна и од угледниот германски новинар, Филип Хинц, што значи дека Македонецот ќе се врати во Италија и во клубот во кој забележа 189 настапи и постигна 19 голови. Според Хинц, договорен е заем на една сезона со опција за откупување на договорот, а Наполи целосно ќе ги преземе финансиските обврски кон фудбалерот.
Вториот дел од претходната сезона, Елмас настапуваше за Торино, но овој клуб се одлучи за поинакви приоритети и не инсистираше да го откупи договорот на нашиот репрезентативец од РБ Лајпциг.