Најмалку осум лица загинаа како резултат на обилните дождови што предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето во делови од Југоисточна Азија.
Во Виетнам, седум лица ги загубија животите, едно лице е исчезнато, а 34 се повредени, објавија државните медиуми.
Во некои делови од земјата, преку ноќ наврнаа речиси 20 сантиметри дожд, а предупредувањата за поплави останаа на сила за некои крајбрежни области, објавува Асошиејтед Прес.
Во Тајланд, едно лице загина, а друго е исчезнато поради лизгање на земјиштето предизвикано од тајфунот Каџики.
Одделот за спречување и ублажување на катастрофи на Тајланд соопшти дека многу куќи се оштетени од бурата, а неколку лица се повредени поради ненадејни поплави и лизгање на земјиштето во северните делови на земјата.
Метеоролошките служби на Лаос го предупредија населението да се подготви за доаѓањето на тајфунот, а со него и грмотевици, обилни врнежи од дожд и силни ветрови низ целата земја.