Виктор Бонифејс требаше да биде фудбалерот со кој Милан ќе ја комплетира својата сложувалка во нападот, но наместо промоција на „Сан Сиро“, нигерискиот напаѓач имаше горчиви два дена во Милано, по што експресно се врати во Германија.
Искусниот голгетер не ги мина долгите и темелни медицински тестови кои му ги направи Милан, а сега и самиот првпат се огласи и призна дека трансферот доживеал колапс поради неговите тешки повреди од 2019-та и 2020-та година.
Бонифејс правеше реконструкција на предниот вкрстен лигамент на десното колено во два наврати, па бидејќи оттогаш многу често има и мускулни повреди, Милан на крајот реши да го стопира трансферот и да не ја комплетира договорената зделка со Баер Леверкузен.
– Трансферот не се реализираше поради моите повреди од минатото. Двапати имав операција на десното колено, но тоа беше навистина одамна, – вели Бонифејс, кој има порака и за редовните критичари за неговите чести отсуства од фудбалскиот терен.
– За оние што критикуваат и само зборуваат, имам само една порака. Нека се обидат да го достигнат моето ниво, наместо да ме навредуваат, – завршува Бонифејс.