Чадот од шумските пожари е многу поопасен отколку што се сметаше претходно, покажа новото истражување, со процена дека смртните случаи предизвикани од краткотрајна изложеност на ситни честички PM2.5 се потценети за 93%.
Истражувачите откриле дека во Европа во периодот помеѓу 2004 до 2022 година, во просек 535 луѓе годишно починале од вдишување на ситни токсични честички познати како PM2.5, кои се ослободуваат кога беснеат шумски пожари, пренесе Гардијан.
Според стандардните методи, кои претпоставуваат дека PM2.5 од пожарите се исто толку опасни како и честичките од други извори, како што е сообраќајот, би се очекувале само 38 смртни случаи годишно.
Истражувањето доаѓа во време кога пожарите беснеат низ јужна Европа, а новите податоци за пожарите во ЕУ покажуваат дека досега во 2025 година изгореле 895.000 хектари, што е рекорд за ова време од годината.
Пожарите ослободија повеќе од двојно поголема количина на PM2.5 во споредба со просечните вредности за ова време од годината во последните две децении.
„Претходно се претпоставуваше дека честичките од шумските пожари и сите други честички се подеднакво токсични. Нашата студија покажува дека, иако ова се случува поретко, здравствениот ефект од истата количина честички од пожарите е посилен“, изјави професорката Кетрин Тон, епидемиолог за животна средина во Институтот за глобално здравје (ISGlobal) во Барселона и коавторка на студијата.
Загадувањето на воздухот е еден од најголемите ризици за здравјето на луѓето, а истражувањата сугерираат дека шумските пожари значајно придонесуваат за огромниот број смртни случаи.
Во декември, една студија припиша 1,53 милиони смртни случаи годишно ширум светот на краткорочната и долгорочна изложеност на загадување на воздухот од шумски пожари.
Користејќи модели што го земаат предвид очекуваното одложување на смртните случаи, тие открија дека изложеноста на чад од пожар го зголемува ризикот од смрт во наредната недела.
За секој дополнителен микрограм PM2,5 во еден кубен метар воздух, смртните случаи од сите причини се зголемиле за 0,7 проценти, смртните случаи од респираторни заболувања за 1,0 проценти и смртните случаи од кардиоваскуларни заболувања за 0,9 проценти.