Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, денеска пред зградата на општината излезе со пакет механизми, меѓу кои јавно табло со неделен план и статус на задачи, проект „Чаир 48“ за одговор/решение на пријави во рок од 48 часа, вторник како „отворен ден“ без закажување, брза комунална екипа и јавен календар на средби и одлуки на општината.
„Оваа рамка директно го погодува коренот на проблемот кој со години ја следи општината: неефикасност, слаба координација меѓу службите и отсуство на видливи рокови. Граѓаните ретко знаат кој е задолжен за конкретен проблем, кога ќе биде решен и зошто доцни. Јавното табло, ако навистина се ажурира редовно и прецизно може да внесе најосновна, но пресудна промена: дневна видливост на работата“, велат од ДУИ.
Се додава дека воведувањето рок од 48 часа за „мали“ комунални интервенции (дупки, улично осветлување, отпад, небезбедни точки) е амбициозен зафат. Во пракса, ваков стандард бара дисциплина во прием и класификација на пријавите, доволно екипи на терен и резерви во буџетот за брзи поправки. Добро е да се разграничат активностите на општината меѓу „брзи“ или интервентни и „капитални“ работи и во таа насока ова е добра идеја.
„Отворен ден“ без закажување и јавен календар на активностите се чекори што веќе постојат во некои општини, но ретко функционираат доследно, велат од ДУИ.
Клучно ќе биде, дали градоначалничкиот кабинет навистина ќе биде достапен секој вторник, дали ќе има протокол за следење на случаите што ќе стигнат тој ден и дали ќе се објавуваат резимеи/исходи за јавноста. Во спротивно, и ова може да се претвори во уште еден симболичен гест, но Османи го ветува спротивното.
Во говорот, Османи најави и утрински брифинзи со службите секој работен ден во 07:30 часот, со јавно објавување на дневниот план.