Мисајловски: Одбранбените капацитети на Армијата продолжуваат да се зголемуваат

Макфакс

15/08/2025

13:43

141

Големина на фонт

а а а

Во касарната „Јане Сандански“ во Штип денеска беа промовирани новите 29 JLTV оклопни возила, со што бројот на овој тип на возила кои ги поседува Армијата се зголеми на 67.

Министерот за одбрана, Владо Мисајловски, истакна дека одбранбените капацитети на Армијата продолжуваат да се зголемуваат и зајакнуваат и дека во соработка со САД и програмите преку кои се вршат набавките за модернизација на македонската Армија, бројот на лесни оклопни возила се зголеми речиси за двојно.

„Нови 29 оклопни возила кои се набавени преку договорот Влада со Влада веќе се дел од Армијата. Со оваа нова достава, се приближуваме до потребниот бројот на возила, а дополнително, очекуваме во скоро време да ни пристигнат и дел од оклопните возила STRYKER кои исто така се од американско производство“, истакна Мисајловски и додаде дека возилата се предвидени за Лесната пешадиска баталјонска група, нашата декларирана единица која ќе биде подготвена за упатување и мисии во случај на потреба.

Министерот информираше дека потпишани се и 7 нови договори со САД, проекти кои се во процес на реализација, а се однесуваат на набавка на опрема за специјални сили, набавка на беспилотни системи, опрема за сајбер заштита, лесно пешадиско вооружување, средства за лична заштита и Комплет за контрола на здружен оган.

Амбасадорката на САД, Анџела Агелер, рече дека овие лесни оклопни возила преставуваат олицетворение на постојаната поддршка на САД на Северна Македонија и нејзините одбранбени способности, а се и еден „силен и моќен симбол на вашиот напредок кон постигнување на модернизирана војска која што ќе биде опремена и подготвена да се соочи со потребите и барањата на денешната комплексна безбедносна средина“.