Денеска е пуштена во употреба клучката Подмоље, која го спојува Охрид со Струга, како и Македонија со Албанија, информира потпретседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.
„Денеска решаваме уште еден горлив проблем во изградбата на автопатот Охрид-Кичево, а тоа е пуштањето во употреба на клучката Подмоље. Ова беше наследен проблем од минатото, бидејќи претходната власт делумно го работеше проектот погрешно, ја сруши клучката без решени имотно-правни односи и експропријации. Со формирањето на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ги решивме сите административни пречки и од денеска клучката е функционална, што значи побрз и побезбеден сообраќај за Струга и соседна Албанија кон Скопје“, изјави Николоски.
Тој посочи дека работите на автопатот се во забрзана динамика и дека се координираат на дневна основа со директорот на Јавното претпријатие „Државни патишта“ и премиерот Христијан Мицкоски.
Премиерот Мицкоски додаде дека се работи на стабилизирање на делниците со свлечишта, како што се околината на селото Ботун и просторот од тунелот кај Врбљани до Кичево, за целата траса да биде безбедна за возење.
„Се работи паралелно на сите критични точки, а очекуваме есенва да се завршат градежните и теренските работи на овие делници. Во исто време, со несмалена динамика се одвива изградбата на други автопатски делници – Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани и Прилеп-Битола. Во фаза на евалуација се и тендерите за Букојчани-Кичево и Г.П.Блаце-Скопје“, рече Мицкоски.
Премиерот потенцираше дека оваа офанзива ќе резултира со завршување и заокружување на автопатската инфраструктура во Македонија, по повеќе од една деценија. Тој се заблагодари на компаниите, работниците, градоначалниците и пратениците од охридско-струшкиот регион, како и на граѓаните за трпението.
„Подобро е патот да се заврши и да биде функционален, отколку да остане незавршен и да биде споменик на едно време“, заклучи Мицкоски.