Друштвените мрежи се „распалени“ од дискусии откако се појавија снимки од „валканата исцелителка“ Екатерина Краснова од Русија, која тврди дека се откажала од сите благодати на цивилизацијата за да се посвети на оздравување на луѓето. Она што најмногу ја вознемири јавноста е состојбата на нејзините деца, кои според сè, живеат во крајно дискутабилни услови.
„Се одрекнав од сексот и храната за да лечам. Исцелив повеќе од 10.000 пациенти со помош на енергијата на творецот“, тврди Краснова во своите објави.
Оваа 40-годишна Русинка со години не пие вода, туку се потпира исклучиво на природни сокови. Меѓутоа, она што најмногу предизвика загриженост е нејзиното тврдење дека три години не се капела и дека не ги пушта своите деца под туш.
„Кога луѓето се капат, тие ја одмиваат својата карма. Колку нечиј живот е полош, толку повеќе му годи туширањето, како да сака да ја отстрани сета таа нечистотија. Јас немам таков проблем. Мојот живот е чист и прекрасен. Луѓето мирисаат лошо поради храната што ја јадат, месото кое се распаѓа во нив... Јас мирисам прекрасно и немам потреба од капење“, изјавила Краснова.
По овие зборови, во видеото се појавува нејзиното дете кое додава: „И јас исто.“
Овој момент предизвикал бројни загрижени коментари од корисници на интернет: „Детето има инфекција околу устата!“, „Сироти деца, итно повикајте доктор и надлежни!“, „Зошто има ранички во аглите на устата? Дали тоа е знак на сериозен дефицит?“.
Според информациите од Телеграм каналот „Shot“, јавноста апелира да се провери дали Краснова воопшто ги исполнува родителските обврски. Наводно, нејзините деца исто така не се капат и го следат необичниот стил на живот на нивната мајка.
Од алкохоличарка до „исцелителка“
Пред да стане „исцелителка“, Краснова десет години била зависна од алкохол. Потоа, како што тврди, еден ден одлучила да го промени животот и да се откаже од сите вообичаени човечки потреби: храна, вода, капење и интимни односи.
Во моментов живее во Египет со синот и ќерката, а многумина стравуваат дека и децата го следат нејзиниот драстичен режим.
Движењето „Сорок сороков“ веќе покрена иницијатива за испитување на Краснова поради можно загрозување на децата. Тие инсистираат да се покрене постапка против неа според член 5.35 од рускиот Закон за прекршоци, кој се однесува на занемарување на обврските кон малолетните деца.