Неверојатна приказна пристигнува од Германија, каде што маж од Манхајм прво станал жртва на кражба, а потоа и осомничен откако решил сам да го врати своето украдено „BMW“. Целиот случај звучи како филмски заплет, но наместо среќен крај, донел лисици и правна збрка, пишува „autobild.de“.
Сè започнало кон крајот на април оваа година, кога 27-годишниот сопственик на „BMW“ доживеал кошмар на секој возач. За време на посета на Романија, неговиот автомобил исчезнал. Веднаш ги известил полицијата и осигурувањето, но надежите за враќање биле минимални. Прекуграничните надлежности, различните полициски стандарди и организираниот криминал ја правеле потрагата исклучително тешка.
Сепак, постоел зрак надеж. Автомобилот бил опремен со „GPS“ уред, со чија помош сопственикот на крајот успеал да го лоцира своето возило. Сигналот доаѓал од Дортмунд.
Го вратил своето „BMW“, па заврши во полиција
Без да чека ниту момент, 27-годишникот тргнал во акција. Отишол во Дортмунд, со својот клуч го отклучил „BMW“-то, го запалил моторот и едноставно се одвезол назад во Манхајм. Мисијата изгледала успешна, но само кратко. Во Дортмунд, имено, останал 38-годишен маж кој исто така верувал дека е законски сопственик на истото возило. Тој го купил „BMW“-то, поседувајќи купопродажен договор како доказ, па кога видел дека автомобилот исчезнал, веднаш ја повикал полицијата.
Истражителите од Дортмунд го следеле „GPS“ сигналот, кој ги одвел директно до Манхајм и првиот сопственик. Тој бил уапсен поради кражба на автомобилот што оригинално бил негов. Полицијата се нашла во бизарна ситуација: двајцата мажи би можеле да имаат законско право на автомобилот, а обајцата, според сè, се жртви на меѓународна мрежа на крадци.
Од кривично-правен аспект, мажот од Манхајм веројатно не извршил класична кражба, бидејќи сопствениот имот не може да се украде. Сепак, неговата самоиницијативна акција без вклучување на полицијата би можела да се смета за забрането самоволие. Оваа граѓанско-правна збрка, се чини, на крајот ќе може да ја реши само судот. Се поставува прашањето дали „BMW“ од 2017 година, проценето на околу 12.000 евра, вреди за сета таа мака.