СЗО: Рекордни 12.000 деца во Газа страдаат од акутна неухранетост

Макфакс

07/08/2025

18:15

142

Големина на фонт

а а а

Околу 12.000 деца под петгодишна возраст во Газа страдаат од акутна неухранетост, а бројот на смртни случаи поврзани со глад се зголемува, изјави шефот на Светската здравствена организација (СЗО).

„Најмалку 12.000 деца под петгодишна возраст се дијагностицирани со акутна неухранетост во Газа, што е најголем месечен број досега регистриран“, изјави Тедрос Аданом Гебрејесус во седиштето на неговата организација во Женева.

Најмалку 99 лица починале од почетокот на оваа година до 29 јули, вклучувајќи 64 возрасни и 35 деца, од кои 29 биле под петгодишна возраст.

Помеѓу јуни и јули, бројот на случаи на неухранетост речиси се дуплираше, од 6.344 на 11.877, според најновите податоци на УНИЦЕФ.

Околу 2.500 од овие деца се сериозно неухранети.

Тедрос повика на доставување поголема хуманитарна помош преку сите можни патишта.

СЗО соопшти дека поддржува четири центри за неухранетост во Газа, но дека залихите на формула за бебиња и храна со висока хранлива вредност се многу ниски.

„Вкупниот обем на залихи со храна останува целосно недоволен за да се спречи понатамошно влошување. Пазарот мора да биде преплавен. Мора да има разновидност во исхраната“, изјави Рик Пиперкорн, претставник на СЗО за окупираните палестински територии, преку видео врска.