Кинеската компанија „UBTech Robotics“ претстави импресивен хуманоиден робот, „Walker S2“, кој може самостојно да ги менува своите батерии, овозможувајќи му да работи без прекин.
Традиционалните роботи често мора да се запрат за да ги наполнат батериите или за луѓето да им ги заменат. Тоа значи губење на драгоцено време и намалување на ефикасноста.
Меѓутоа, „Walker S2“ е опремен со двоен систем на батерии што му овозможува, кога една батерија ќе ослабе, самостојно да отиде до станица за замена, да ја извади истрошената батерија и да ја замени со наполнета. Целиот процес трае само неколку минути.
Оваа способност е инспирирана од заменливите батерии во кинеските електрични автомобили, каде модуларните батерии можат брзо да се заменат за да се заштеди време. Слично на тоа, „Walker S2“ може да работи непрекинато, сè додека има достапни наполнети батерии.
„UBTech Robotics“ планира да го користи „Walker S2“ во индустриски погони и на производни линии, каде што би можел значително да ја намали потребата од човечка интервенција. Иако техничките спецификации сè уште не се објавени, очекувањата се големи за оваа нова генерација на хуманоидни роботи.