[ФОТО/ВИДЕО] Кинески хуманоиден робот запишал докторски студии на Универзитетот во Шангај

Точка

04/08/2025

21:44

691

Големина на фонт

а а а

Првиот кинески хуманоиден робот, наречен „Xueba 01“, е примен на докторска студии по драмски уметности и филм на една од најпрестижните уметнички академии во земјата, предизвикувајќи широко внимание и дебата на кинеските социјални мрежи.

Роботот е заеднички развиен од Универзитетот за наука и технологија во Шангај и компанијата „DroidUp Robotics“, пренесе „South China Morning Post“.

Неговото име „Xueba“ е популарен кинески термин за исклучително успешен и посветен студент.


Според локалните портали, „Xueba 01“ е висок 1,75 метри, тежи околу 30 килограми и е способен за физичка интеракција со луѓе.

Има изглед сличен на човек со силиконска кожа што овозможува експресивни изрази на лицето и комуницира на мандарински јазик.

Поранешна верзија на овој робот учествувала и го освоила третото место на првиот хуманоиден полумаратон.


За време на Светската конференција за вештачка интелигенција, Шангајската академија за драмски уметности (STA) официјално го прими роботот на четиригодишна докторска програма по драма и филм, со посебен фокус на традиционалната кинеска опера.

Роботот доби виртуелен индекс, а негов ментор ќе биде професорот Јанг Џингџинг кој објави дека „Xueba 01“ ќе посетува часови со други студенти, ќе учествува на оперски проби и ќе напише финална докторска теза.

„Кога Xueba 01 изведе познат гест по примерот на легендарниот уметник од Пекиншката опера Меи Ланфанг, студентите инстинктивно почнаа да го имитираат“, рече професорот Јанг, додавајќи дека „интеракцијата со Xueba не е ладна средба помеѓу човек и машина, туку естетска размена помеѓу видовите“.

„Xueba 01“ се опишува себеси како „уметник со вештачка интелигенција“ кој користи напредна технологија за да ја истражи традицијата на кинеската опера.

Сепак, според кинеските медиуми, дел од јавноста е скептична во врска со веста.

„Кинеската опера бара богат израз и уникатен глас. Може ли робот навистина да го пренесе тоа?“, напиша еден студент на социјалните мрежи.

Поединци, исто така, покренаа практични прашања, наведувајќи дека „многу доктори на науки во Кина месечно добиваат помалку од 3.000 јуани (околу 420 долари), а сега робот користи ресурси што можеле да им бидат доделени на вистински студенти“.