Ова е единствениот главен град во Европа во кој минатата година не е регистрирана ниту една жртва во сообраќајот

Точка

02/08/2025

19:14

1.552

Големина на фонт

а а а

Главниот град на Финска, Хелсинки, во текот на минатата година не регистрирал ниту еден смртен случај во сообраќајот, а ова достигнување може да се припише на повеќе фактори, меѓу кои ограничувањето на брзината е еден од најважните, изјави сообраќајниот инженер во градското Одделение за урбана средина, Рони Утриајнен.

Повикувајќи се на податоци кои покажуваат дека ризикот од смртен исход за пешаците се преполовува со намалување на брзината на автомобилите при судир од 40 на 30 километри на час, градските власти во Хелсинки во 2021 година вовеле пониска граница на брзината во повеќето станбени подрачја на Хелсинки и центарот на градот, пренесува денес „Politico“.

Ограничувањата биле спроведени со 70 нови камери за брзина и полициска стратегија заснована на националната политика „Визија Нула“, со цел постигнување нула сообраќајни повреди или смртни случаи.


Податоците собрани од финската агенција за безбедност во сообраќајот „Liikenneturva“ покажуваат дека бројот на смртни случаи во Хелсинки од тогаш опаѓа.

Властите во Хелсинки во последните пет години се обидувале да го повторат чудото што првпат го постигнале во 2019 година, кога ниту еден пешак или велосипедист не загинал во сообраќајни несреќи.


Иако бројот на смртни случаи во сообраќајните несреќи опаѓа низ Европската Унија, со намалување од три проценти во 2024 година, несреќите со трагичен исход сè уште се чести во градските подрачја.

Во 2023 година, 7.807 Европејци го загубиле животот во сообраќајни несреќи во градовите на ЕУ.


Во Берлин минатата година загинале 55 лица во сообраќајни несреќи, а девет лица го загубиле животот во судири во регионот на Брисел во изминатите 12 месеци.

Иако Хелсинки е меѓу најмалите престолнини на ЕУ, со нешто помалку од 690.000 жители, околу 1,5 милиони луѓе живеат во градското подрачје и патуваат на работа низ тоа подрачје.