„BMW M3 CS Touring“ е новиот владетел на Нирбургринг: Караванот со рекорд на култната патека

Точка

01/08/2025

17:07

392

Големина на фонт

а а а

„BMW M3 CS Touring“ официјално го држи новиот рекорд во категоријата каравани на патеката „Nürburgring-Nordschleife“ со време од 7:29.490 минути. Ова е најбрзото време досега постигнато за караван на легендарната патека долга 20,823 километри.

„BMW“ полека, но сигурно станува владетел на „Нирбургринг“. Баварците сега се најдобри и во караванската категорија на оваа култна патека долга 20,823 километри. Носител на рекордот е „M3 CS Touring“, управуван од Јорг Вајдингер, инженер за развој во „BMW M“ и искусен тест-возач во спортскиот оддел на марката.

Предодреден за успех

„Уште од почетокот беше јасно дека ’BMW M3 CS Touring‘ ќе постави нови стандарди во динамиката. Со време под 7:30 минути, овој модел импресивно покажува дека концептот на возилото совршено ја комбинира тркачката ДНК со секојдневна употребливост“, изјави Францискус ван Мел, првиот човек на секторот „BMW M“.


Вистински спортисти

Колку се навистина брзи моделите од семејството „M3“ и „M4“ потврдуваат резултатите на „Нирбургринг“. Најбрз сè уште е „M4 CSL“ (7:18.137 минути), потоа следи „BMW M4 CS“ со 7:21.989 минути, додека за круг околу „Зелениот пекол“ на „BMW M3 CS“ му се потребни 7:28.760 минути. Приказната под „седум и пол минути“ ја затвора главниот актер на оваа сторија, врвниот караван.

Новиот „M3 CS Touring“ заостанува само малку повеќе од една секунда зад седан-верзијата, што го потврдува неговиот статус како совршено возило „One Car Solution“.

„M3 CS Touring“ е опремен со 6-цилиндричен мотор со моќност од 550 коњски сили, кој овозможува забрзување од 0-100 км/ч за 3,5 секунди и максимална брзина од 300 км/ч.


Импресивни спецификации

Возилото комбинира „M xDrive“ погон на сите четири тркала, 8-степен менувач „M Steptronic“ со системот „Drivelogic“ и „M Compound“ сопирачки систем. Багажникот нуди капацитет од 500 до 1.510 литри. Очигледно е по оваа возење дека баварскиот „лубеничар“ има уште еден адут за освојување на купувачите.