Десет лица добија уверенија за пилоти, од понеделник нов јавен повик: Николоски потсети на критичната состојба со воздухополовен персонал

Макфакс

01/08/2025

13:18

259

Големина на фонт

а а а

Десет лица се стекнаа со Уверенија за кандидати за пилоти по Јавниот повик за обука на пилоти што беше објавен од Агенцијата за цивилно воздухопловство. Денеска вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски и директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Драги Стојаноски им ги врачија уверенијата.

Агенцијата со 50 проценти ќе ја кофинансира обуката на избраните кандидати, тие ќе се обучуваат за пилоти на лесни авиони.

Овој проект, истакна вицепремиерот Николоски бил потребен како ургентен во авиосекторот бидејќи државата се соочува со дефицит на пилоти, а ќе биде од голема важност за цивилното воздухопловтсво.

„Покажуваме дека Македонија може и има капацитет да води големи проекти и да ја вратиме самодовербата и достоинството кај народот. Ако во некои други времиња било настан да се обучи некој за пилот, сме ги знаеле и по име, неколку пилоти кои ги има Македонија, еве денеска почнуваме со обука на луѓе кои што вкупно не биле обучени во минатото. Но тука сме да ги согледуваме состојбите и да ги решаваме. Ќе продолжиме со подршката, ќе стимулираме уште, многу е важно дека процесот е отворен и транспарентен се надевам дека на следниот повик ќе има уште повеќе кандидати и дека истите покрај во државниот сектор ќе бидат ангажирани и во државниот сектор. На пример вчера компанијата Визер објави дека има преку 200 вработени во Македонија што е една фабрика од средна категорија, таа бројка може да расте и ќе расте доколку имаме соодветен потенција и капацитет. Еден по еден гледаме да ги затвараме секторите, почавме со најургентните, продолжуваме со секторите кои сега покажуваат ургентност и се надевам дека во еден цисклус од 4 години работите ќе бидат многу многу подобри”, истакна Николоски.

Директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство најави дека веќе во понеделник ќе се распише нов јавен повик за обука на уште 9 пилоти.

“На средбите со вицепремиерот ја констатиравме како критична состојбата со воздухополовен персонал и затоа одлучивме дел од средствтата од Агенцијата да ги насочиме кон еден ваков проект. Со ова ќе создадеме нови воздухопловци, ќе ги раздвижиме состојбите во спортските клубови и спортските аеродроми кои низ годините се со огромни проблеми а кои во минатото биле основ за создавање на персонал од кои корист имала државата. За следната година очекувам да предвидиме двојно повеќе средства за нови кандидати за понапредни обуки”- истакна Драги Стојаноски, директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство.