Маж осуден за брутално убиство на својата сопруга и двете деца со мачета беше егзекутиран во Флорида, станувајќи деветтата личност погубена во оваа сојузна држава годинава – што претставува нов годишен рекорд. До крајот на август се планирани уште две егзекуции.
Едвард Закжевски (60) беше прогласен за мртов во четвртокот по инјектирање на тројна смртоносна инјекција – седатив, средство за парализа и за запирање на срцето.
Тој издржуваше смртна казна од 1994 година, кога беше осуден за убиство на сопругата и нивните две деца на возраст од седум и пет години. Според судските сведочења, прво ја нападнал сопругата со метална шипка и ја задавил со јаже, а потоа ги убил децата со мачета. Кога се посомневал дека таа сè уште е жива, повторно ја нападнал со мачета.
Претходно им кажувал на други дека „подобро е да ги убие отколку да дозволи сопругата да го напушти“.
Последниот обид за одложување на егзекуцијата го загуби во средата, ден пред извршувањето.
Неговиот последен оброк бил пржени свински котлети, пиво и сладолед. Последните зборови му биле:
„Сакам да им се заблагодарам на добрите луѓе од Сончевата држава што ме убија на најладен, најпресметан, најчист, најхуман и најефикасен можен начин. Немам никакви приговори.“
Противниците на смртната казна истакнаа дека егзекуцијата не требало да се изврши, бидејќи поротата во 1994 гласала за смртна казна со сооднос 7 спрема 5 – што денес не би било правно доволно.
Со девет егзекуции досега, Флорида веќе го надмина претходниот рекорд од осум од 2014 година. Дополнителни егзекуции се закажани за 19 и 28 август.
Ниту една друга сојузна држава во САД не спровела повеќе егзекуции оваа година – Тексас и Јужна Каролина се на второ место со по четири.
Во САД од почетокот на 2025 година се егзекутирани вкупно 27 мажи.