Во Иран беа измерени 51 степен

Макфакс

31/07/2025

18:01

334

Големина на фонт

а а а

Tемпературите во југозападниот ирански град Омидие се искачија на 51 степен, додека земјата доживува сериозна криза со водата, објави државната телевизија.

Во другите градови низ земјата, максималните температури, исто така, надминаа 45 степени. Повикувајќи се на предупредување од метеоролошката служба, телевизијата објави дека во делови од Иран се очекуваат песочни бури и лош квалитет на воздухот во наредните денови.

Топлиот бран ја влошува кризата со водата во земјата, а климатските експерти велат дека 80 проценти од резервоарите се речиси празни. Властите во голем број градови наредија присилно исклучување на снабдувањето со вода. Во главниот град Техеран, чешмите останаа суви со часови во последните денови.

Богатата со нафта покраина Хузестан, еден од најжешките населени региони на Земјата, се соочува со сè поголеми прекини на електричната енергија и недостиг на вода, што им го отежнува животот на жителите, особено кога клима уредите откажуваат. Во соседните земји Пакистан и Ирак, температурите повремено се искачуваат над 50 степени.

Во Иран, една од најсушните земји на Земјата, количината на врнежи значително се намали во последните години. Климатските истражувачи забележаа зголемување на екстремните временски настани како што се суши и ненадејни поплави. Експертите велат дека климатските промени ја погодуваат земјата побрзо и посилно од многу други региони во светот.