Барселона договори две големи засилувања за првиот тим во имињата на Жоан Гарсија и Маркус Рашфорд, го пријави Рони Барџи како фудбалер кој е купен за вториот тим, но сега ангажираше голем талент и за Хувенил А, односно третиот тим во хиерархијата.
Каталонскиот великан официјално соопшти дека го ангажирал големиот хрватски талент за кој се „тепаа“ и Ливерпул и Арсенал, по што Шпанците открија и детали за целиот трансфер кој бил реализиран во изминатите неколку дена.
Станува збор за Ловро Челфи кој доаѓа од редовите на Кустошија, клуб за кој настапуваше откако претходно кариерата ја почна во Динамо Загреб.
Челфи е талентиран левоног фудбалер кој може да игра централно во дефанзивата, но и далеку поофанзивно, а првично е пријавен за Хувенил А тимот на Барселона, иако е предвидено да тренира и со Барса Б, вториот тим на каталонците.
18-годишниот фудбалер пристигнува во Барселона за сума од 300 илјади евра, со тоа што каталонците откупиле 50 проценти од правата на Ловро, што значи дека останатата половина останува на Кустошија.
Ако фудбалерот се развива како што се очекува, Барселона за целиот трансфер може да плати и до 2 милиони евра, а во прв момент го заштитува со откупна клаузула вредна 20 милиони евра.