Милан остави зад себе разочарувачка сезона во која не успеа да избори излез во Европа, а по неуспешните претстави на Пауло Фонсека, но и на Сержо Консеисао, клубот се одлучи за нова тренерска смена во период од неполни 12 месеци.
„Росонерите“ го ангажираа Масимилијано Алегри и за вторпат му го доверија кормилото на искусниот стручњак, па иако е премногу рано да се извлекуваат било какви заклучоци, првите два натпревари во пресезоната покажаа мали знаци дека тимот изгледа далеку постабилни и поизбалансирано.
Алегри во целата своја тренерска кариера главна нота става на дефанзивниот блок и цврстината на тимот, а тоа е токму она што најмногу му недостасуваше на Милан во сезоната во која прими безброј голови.
Кристијан Пулишич како една од најголемите ѕвезди во тимот е презадоволен од работата на новиот тренер, особено што им порачал на играчите да се фокусираат на одбранбено единство како тим.
– Мислам дека Макс влезе во вистинска нога во нашиот тим. Тој е тренер кој тренирал голем број шампиони, има остварено многу работи и знае како да разговара со играчи. Знае да создаде дух во тимот и дојде со мисија да го коригира најслабиот елемент од минатата сезона.
– Побара да се фокусираме на одбранбено единство како тим, што е клучна карактеристика за создавање шанси од одбрана во напад. Макс е во право, не можеме да се подобриме ако примаме голови како минатата сезона. Тоа е она на кое посебно работиме и мислам дека имавме два добри теста досега. Кога се браниме, треба да се браниме како тим, а не само играчите од дефанзива, – вели Пулишич во интервјуто за „Газета“.